Вардар со неполн состав на Државното првенство во борење, дел борачите не гледаат перспектива

Загрижувачки е очигледниот пад и на квалитетот и на квантитетот на учесниците, што е директна последица на неправилно управување и неадекватен однос кон македонското борење“, истакнуваат од Вардар.

Во денешното соопштение БК Вардар се осврнува на Државното првенство во борење за сениори, при што се истакнува дека клубот настапил со неполн состав, односно, наместо со планираните 28 натпреварувачи, учествувале со само 7 борачи во машка и 1 претставничка во женска конкуренција.

„За жал, квалитетот на првенството беше разочарувачки. Во повеќето категории однапред беа познати фаворитите и победниците.

Загрижувачки е очигледниот пад и на квалитетот и на квантитетот на учесниците, што е директна последица на неправилно управување и неадекватен однос кон македонското борење“, истакнуваат од Вардар и додаваат:

„Игнорирањето, неангажирањето и индиферентноста на раководството на БФСМ оставаат сериозни последици. Ова се одразува и врз нашите потенцијални репрезентативци, кои сè почесто не гледаат смисла, перспектива ниту можност за спортско унапредување во наметнат импровизиран систем на натпреварување без јасна стратегија и визија“.

Сепак,  истакнуваат дека на вчерашното сениорско првенство освоиле:

Леа Стојковска (57 кг) – златен медал
Адам Модосјан (92 кг) – златен медал
Петар Тодев (97 кг) – сребрен медал
Елвир Бајрам (61 кг) – бронзен медал
Кирил Малчев (97 кг) – бронзен медал
Марко Поповиќ (125 кг) – бронзен медал.

Иако имале добра презентација, Стефан Зашков и Марко Топузовски останале без пласман, но покажале борбеност и карактер достоен за Вардар.

„Воедно, јасно истакнуваме дека не ги осудуваме останатите наши членови кои одлучија да не учествуваат, поради изгубената доверба и недостигот од перспектива во актуелниот систем на раководење.

Жално е што дискриминирачкото и неодговорно однесување води кон постепено згаснување на боречкиот спорт во Македонија.

Но, Боречки клуб Вардар ќе продолжи да се бори – за спортот, за младите и за иднината на македонското борење’, истакнуваат од клубот.